Гостивар

Од Википедија — слободната енциклопедија
Гостивар
Град
Поглед кон центарот на Гостивар
Поглед кон центарот на Гостивар
Знаме на ГостиварГрб на Гостивар
Гостивар is located in Македонија
Гостивар
Гостивар
Местоположба на Гостивар во Македонија
Координати: 41°48′00″N 20°55′00″E / 41.80000° СГШ; 20.91667° ИГД / 41.80000; 20.91667Координати: 41°48′00″N 20°55′00″E / 41.80000° СГШ; 20.91667° ИГД / 41.80000; 20.91667
ДржаваРепублика Македонија
РегионПолошки Регион
ОпштинаОпштина Гостивар
Управа
 • ГрадоначалникАрбен Таравари (АА)
Надм. вис.&10000000000000510000000510 м
Население (2021)
 • Вкупно32,814
ДемонимГостиварци (мн.)
Часовен појасUTC+1
 • Лете (ЛСВ)UTC+2 (UTC)
Повик. бр.+389 042
Рег. таб.GV
Мреж. местоwww.gostivari.gov.mk

Гостивар — град во западна Македонија во јужниот дел на Полошката Котлина. Гостивар е средиште на истоимената општина која зафаќа површина од околу 650 км2. Градот претставува административна, политичка, деловна и културна средина за околу осумдесетина илјади жители, од кои во самото градско јадро според пописот од 2002 година живеат речиси 36.000 жители, а според Пописот од 2021, 32.814 жители.

Градот претставува типична мултикултурна средина, во која живеат скоро сите националности во Македонија (Македонци, Албанци, Турци, Роми и други).

Потекло на името Гостивар[уреди | уреди извор]

Панорамски поглед на Гостивар од Сува Гора
Реката Вардар во Гостивар

За потеклото на името на градот Гостивар постојат повеќе претпоставки и народни преданија и легенди. Меѓутоа како најверодостојно може да се прифати тврдењето дека името Гостивар е од македонско, односно словенско јазично потекло. Како доказ за словенското потекло на името Гостивар може да се земе и фактот што во Чешка во рамките на главниот град Прага (области Прага 10 и Прага 15) се наоѓа населба и цел реон кој се нарекува Хостиварж (на чешки: Hostivař, изговор: (Г)хостивар(ж)) кој во минатото бил посебно населено место, а во германски записи од 12 век се сретнува под името Gostiwar[1]. Имајќи предвид дека во чешкиот јазик мекото х е замена за гласот г (пр. Praha - Прагa) името на оваа голема населба во југоисточниот дел на Прага е всушност Гостивар, а знаењето на зборовите е речиси исто (именката гости на чешки e: hostе) може слободно да се заклучи дека името Гостивар кое се сретнува и во Македонија и во Чешка е од словенско потекло.

Во Средниот век градот бил многу посетуван од гости од сите краишта, а во летните денови по традиција, секоја година се одржувал голем трговски собир (панаѓур). Ваквата традиција продолжила и за време на Османлиското Царство. Поради големата посетеност на населбата од луѓе од други краишта, гости, Турците меѓу себе, на турски, често викале „гостивар“ (гости има). Тогаш во градот имало и многу гостилници, па се претпоставува дека „гостољубивиот град“ односно „градот на гости“ станал - Гостивар. Инаку етимолошкото значење на топонимот во науката сѐ уште не е утврдено. За време на турското владеење населбата почнала да се развива во значајно седиште на Горни Полог, наречен уште и Горна Нахија. Населението од околните рамничарски и ридско-планински села почнало да се преселува во централната населба, со што таа почнала и да расте. Во 1659 година, богатиот Мехмед-паша изградил џамија среде населбата, а околу неа подигнал и училиште и бања, а подоцна и карван-сарај и дуќани. И богатиот Агу Беќир-бег во Гостивар изградил џамија и училиште, што се наоѓале на местото на денешната Саат-кула.

Црквата „Света Богородица“ на плоштадот во центарот на Гостивар
Манастирот Св.Преображение Христово, населба Циглана

Според Марко Цепенков, Гостивар бил метув на манастирите од Сува Гора (планина источно од градот) каде што се гоштевале многу свештеници, патници и намерници. Поради тоа богато гоштевање метувот го добило името Гостивар. Има и легенда која вели дека доаѓа од турско време каде што Гостивар значи "место каде секогаш доаѓаат гости". Според Турците, градот бил наречен така поради тоа што на турски зборот ВАР значи „има“, така што на тоа место секогаш имало гости. Исто така збор ВАР или Вари во сите словенски јазици означува извор или место од каде што извира голема количина на вода - вриење, а исто така означуа и бања. Како поткрепа на ова ќе го додадеме како пример градот Карлови Вари во Чешка што е во превод Бањите на Карло има и други примери во словенските земји за наставката ВАР како што се Вуковар, Карлобар во Хрватска. Што во превод од старословенски би било „Бања за Гости“. Некои научници како рускиот професор Афанаси Селишчев сметаат дека словенското име на градот било Костово.

Врз основа на записите на Абдулаќим Догани, Гостивар го добива името од девојката дојдена од Бар која што за место на живеење го има одбрано овој град. На локален јазик девојка е гоца и тоа од Бар (Тиват во Црна Гора) , затоа произлегува името Гостивар од момата од Тиват. Веројатноста и вистинитоста на ова тврдење е многу мала, и е пред сè во контекст на големоалбанскиот нациоализам, односно да се потврди тезата за автохтоност на Албанците во Гостивар и другите населени места во Македонија, а и самата анегдота има многу мала логичка смисла.

Според една друга легенда сегашното има на градот Гости-гости, настанало за време на владетелот Волкашин. Бидејќи доаѓале голем број на посетители, гости низ овие краишта, во текот турското владеење на турски го нарекувале „Гостивар“ што значи (гости има). Самото име, односно Гостивар се нарекуваше местото на собирање на гости т.е.„Градот на гостите“. Волкашин на сите свои деца им изградил „градови“ (тврдини). На пример, на ќерката Кита и изградил тврдина во Кичево, наречена „Китин Град“ (Китинград), а на Цвета и изградил кале на Сува Гора наречена уште и „Цвета Гора“, каде што имало многу цркви и манастири. Манастирите во „Цвета Гора“ имале свои чифлици во Горни Полог (Гостиварско). Градот Гостивар тогаш бил место на Сувогорските манастири. Манастирските луѓе често ги посетувале чифлиците кај Гостивар, каде што добро биле гоштевани. Легендата вели дека по „гостувањето“ и населбата била наречена Гостивар.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Саат-кулата во Гостивар

Градот лежи во котлината Полог (Горен Полог) на надморска височина од 510 метри. Во близина на Гостивар во селото Вруток (5 км југозападно од Гостивар) се наоѓа изворот на најголемата македонска река Вардар која тече и низ самиот град кој го дели на два дела, а исто така во негова близина се наоѓа најголемиот македонски национален парк и скијачки центар Маврово. Гостивар е на 67 километри оддалеченост од Скопје, а соседни градови се Тетово на 27 километри северно и Кичево на 46 километри јужно. Гостивар е град кој со голема брзина се гради и станува еден од поубавите градови во Македонија.

Историја[уреди | уреди извор]

Глетка од саат-кулата во централното градско подрачје

Камена епоха[уреди | уреди извор]

Според најновите податоци добиени преку археолошките ископувања на неолиските наоѓалишта Тумба кај с.Долно Палчиште (1987/88.) и Под село тумба кај с.Стенче (2000.), најстарите траги на живот во Полошката Котлина (тетовскиот и гостварскиот крај) датирааат од пред 8000 години или поточно од 6100-тата година ст.е. Од овие наоѓалишта потекнуваат голем број ископани фаргменти, но и целосно сочувани парчиња на грнчарија, но и жртвеници и статуетки посветени на женскиот култ. На подрачјето на Тетовско, пронајдени се и многу значајни претстави на карпестата уметност како уметнички композиции поврзани со обредните ритуали.[1].

Овој крај низ целиот неолит бил населен со носителите на културната група Анзабегово-Вршник, која била застапена и во скопскиот регион и Источна Македонија. Во раниот неолит, сепак, овој крај бил под силно влијание и на неолитскта култура Велушина-Породин од Пелагонија јужно оттука, што се гледа и преку формата на најстариот сочуван жртвеник типот ‘Големата-Мајка’ (lat. Magna Mater) пронајдена на овие простори, а откриен близу Стенче. Доцниот неолит се одликува со влијание на Винчанската култура од север.[1]

Бегова куќа

Метална епоха[уреди | уреди извор]

Кон крајот на 4. милениум ст.е., започнуваат првите продори на новите доселеници, степски народи од Средна Азија- Индоевропејците, кои уништувајќи и асимилирајќи ја старата неолитска култура создаваат нов енеолитски културен комплекс на Балканот, наречен Салкуца-Бубањ-Криводол. Траги од ова ново население најдени се и во Полог (во Палчиште, Желино итн.). Оваа состојба се стабилизира во средното бронзено време кога се појавуваат првите зачетоци на балканските прото-етничките, а подоцна и пра-етничките заедници. Во овој период започнува и силен продор на материјалните обележја од југ од развиената Микенска култура, што се гледа и преку еден параден луксузен бронзен меч пронајден во Тетово, увезен токму од тие микенски центри. Иако и наредните епохи ќе бида во знак на масовни миграции, сепак Железното Време се одликува со стабилизација, што довело до развој на трговијата. Од овој период датираат и керамичките големи питоси за житарици, пронајдени близу с.Ларце.

Во овој период, според записите на Страбон кои се однесуваат на ковницата во Дамастион, а особено според зачуваните ономастички траги од подоцнежните времиња, се гледа дека Полог бил населен од Бригите (Briges, Brigoi). Бригите биле составен дел на подоцнежните етнички заедници на Пајонците, античките Македонци, Десаретите, Едоните и Мигдонците. Дури и Пајонците, иако биле стара бронзеновременска популација, на овој дел од Балканот, имале неоспорни врски со Бригите. Пајонската и античката македонска лингвистика и ономастика покажуваат голем број глоси и имиња со бригиски корен, што упатува на фактот дека Бригите биле substratum или база во пајонското и античкото македонско етничко формирање.[1]

Кејот на реката Вардар во Гостивар

Рана антика[уреди | уреди извор]

Во 1932 год. блиску местото наречено Балезова Чешма, е пронајдена статуа од бронза од периодот на Агријаните, 4 век п.н.е., и претставува вреден археолошки пронајдок, најден во Тетовската околија. Статуата е со димензии 9 cm, долга и 4 cm широка, и се наоѓа во Музејот на Македонија во Скопје.

Влијанијата на грчките занаетчиски центри врз овој дел на Балканот, всушност ќе доведат до дополнителна промена на културата и начинот на живот на овдешните популации. Токму тие промени го најавуваат новиот, архајски период и преминот од епохата на праисторијата во епохата на историјата и антиката. На археолошки план овие трансформации се видливи преку новите материјални (нови типови керамика, накит и други занаетчиски производи), и духовни (нов начин на погребување: кремирање наместо инхумација, прифаќање на култовите на грчките божества) и други обележја, кои отпрвин биле прифаќани како престиж од најелитните општествени слоеви, а потоа и од останатото население, што најдобро се гледа од т.н. кнежевски гробници, од кои најпозната е онаа од Тетово, во која е пронајдена и познатата статуетка на Менада.

Домот на културата „АСНОМ“

Во минатото постоеле различни теории за тоа кое античко племе го населувало овој крај. Сепак според најновите сознанија, целиот простор на Јужна Србија, Источно Косово и Северна Македонија, вклучително и Полог, во овој период, а сè до 3 век п.н.е. бил населен од најсеверното античко-македонско (пајонско) племе Агријани (Agrianes). Ова се гледа по континуитетот во археолошките хоризонти, развиениот керамички импорт од грчкиот југ, богатите кнежевски гробници и сл. Ова племе имало свои кралеви од кои најпознат е Лангар (Langaros) кои во 335 п.н.е. му помогнал на македонскиот крал Александар III, при неговиот поход против Трибалите на север. Агријаните него го следеле и при неговиот поход низ Азија кога се покажале како едни од најбезмилосните борци во многу клучни битки, по што станале особено познати во античкиот свет.

Поради економскaта и трговска развиеност и одредени градови ковале свои автономни монети. Таков бил случајот со градот Пелагија (Pelagia) кој низ целиот 4 век п.н.е. кова свои сребрени монети во ковницата во Дамастион. Градот Пелагија се смета дека се наоѓал близу денешно Тетово, и е всушност, во урбанистичка смисла негов антички предок, од чиј назив подоцна е изведено и денешното словенско име на целата котлина Полог (Пелагија-Полог, како во случај и со Скупи-Скопје, Астибо-Штип, Тесалоника-Солун итн).

Кон крајот на 4 век п.н.е. ослабента агријанска држава потпаднала под власт на кралот Авдолеон од Пајонија, а веќе до средината на 3 век п.н.е., сите нивни територии биле заземени од Дарданците од север (на југ сосе Северна Македонија и Полог), што се гледа и преку дисконтинуитет во археолошките хоризонти од тој период. Овие погранични краеви низ целиот нареден период ќе биде користен како логистичка позадина, од каде Дарданија организирала јаки пљачкосувачки походи на југ кон богатото кралство Македонија, дури и откако тие територии ќе потпаднат во склоп на Римското Царство во 168 п.н.е.[1]

Римски период[уреди | уреди извор]

Дури во 29. ст.е. и Полог, задно со останатите делови на Дарданија, па на север сè до Дунав, ќе подапнат под римска управа, по што ќе започне ера на стабилизација, мирен живот, трговија и напредок. Од 2-3 век н.е. датираат неколку камени плочи- стели, на кои епитафот е напишан со грчко писмо што говори дека овој регион бил во склоп на грчката јазична сфера, за разлика од Косово и скопкскиот регион кои биле дел од латинската јазична сфера. Ова значи дека во Раноцарскиот период (1-3 век н.е.) Полог бил дел од римската провинција Македонија, а во доцната атника (3-6 век н.е.), по реформите на Диоклецијан дел од провинцијата Македонија Втора (Macedonia Secunda). Пронајдените стели содржат и богат ономастички материјал и лични имиња кои се доминатно автохтони и од кои се гледа дека романизацијата на овиепериферни краеви, надвор од главните патишта, не зела голем замав.

Булеварот „Гоце Делчев“ со познатата висококатница во централното градско подрачје
Разгледница од Гостивар, од 1921 година

Поучена од големите варварски продори (Келти, Остроготи, Хуни) кои сè почесто се случувале од 3 век, а траеле и низ наредните векови, римските цареви почнале во доцниот IV век да градат укрепени градови и тврдини на доминантни ридови. Од тој период датираат и бројните каструми (castrum), кастели (castellum) и збегови (refugium) за населението во тетовскиот крај од кои најзначајни се оние близу денешните села Рогле, Орашје, Лешок, Стенче, Јегуновце, Градец и наоѓалиштето Исар-Бањиче крај Тетово.

Иако христијанството во Македонија доаѓа со Св. Апостол Павле во 50-тите години од 1 век н.е., сепак дури по легализацијата на Константин во 313. н.е. тоа можело помасовно да продре до обичните луѓе, и да се отпочне со градење на ранохристијански цркви- базилики. До денес во Полог се регистрирани траги од 16 ранохристијански базилики, од кои 12 во Тетовско и 4 во Гостиварско, при што најдобро проучени се базиликата од Стенче од 5 век н.е. која е единствена во Македонија со 3 крстилници (баптистериуми), и онаа во Туденце која датира од втората пол. 6 век. и е најстарата триконхална (трикорабна) црква воопшто во Република Македонија, а е ретка и во цела Јужна Европа.

Сепак, по силните аварско-словенски продори во доцниот 6 век н.е. сите тврдини се напуштени но не во целост и срушени. Поголемиот дел од нив, два-три века подоцна, кога повторно е воведена стабилна државна организација, повторно ќе бидат обновени со истата намена, но овојпат тие ќе бидат населени од доминантното словенско население поставувајќи ги темелите за новите средновековни гратчиња.[1]

Среден век[уреди | уреди извор]

Кога Словените дошле во полошката област, рамничарските населби биле напуштени. Еден дел од староседелците се повлекле во некои од пооддалечените, мали планински сточарски населби. Главно, словенското население ги населило најважните места во рамницата, на која и дале ново, словенско име, нарекувајќи ја „Подлог“ (Полог), веројатно со значење „под гора“, „под планина“. Во X век Византијците повторно воспоставиле контрола врз целото полошко подрачје, ги укрепиле најважните разурнати тврдини и во нив воспоставиле постојано војничко присуство. Потоа, неколку децении полошката област била во состав на Самоиловото Царство, по чија пропаст повторно потпаднала под Византија. Во 1282-83 година, полошкиот крај потпаѓа под власт на Србите, на чело со кралот Милутин. Инаку, Гостивар како населено место првпат е споменат во една повелба на Милутин од 1313 година, под името Банска (Бањица), и тоа како село во јужниот дел на Полошката котлина со околу 200 жители. Во повелбата се споменува и гостиварскиот средновековен манастир. За време на владеењето на Милутин, во Полошката Котлина било колонизирано српско население. Но, затекнатите Византијци си ги задржале своите права и поседи. Гостивар како селска населба се споменува и за време на Душановото царство, во една повелба на цар Душан од 1331-1340 година, под името Белика, според средновековното име на реката Вардар.

Османлиски период[уреди | уреди извор]

Празнување на Илинден во Гостивар во 1916 година

Во овој период населбата започната да бележи виден пораст, развивајќи се во значајно средиште на Горни Полог, или како што тогаш ја нарекувале - Горна нахија. Населението во овој период, од рамничарските и ридско-планинските села, започнало да се населува во Гостивар, а бројот на жителите значително да се зголемува. Во градот биле доселени голем број Турци и Албанци. Во 1659 година, богатиот Мехмед-паша изградил џамија среде населбата, а околу неа подигнал училиште и бања. Истиот бег подоцна изградил и карван-сарај и неколку дуќани во градот. По примерот на Мехмед-паша и останатите бегови, заради престиж, граделе по неколку објекти, претежно муслимански обележја. Така и богатиот Бекир-бег во Гостивар, подигнал џамија и училиште кои се наоѓале на местото на денешната саат-кула.[2]

Во 1850 година геологот и балканологот Ами Буе во описот на Тетово меѓу другото во еден дел вели дека во Полог се наоѓа „големото село“ Гостивар, додека како град Гостивар по првпат се спомнува во двата записи од 19 век . Според нив оваа населба на Полог ја има оформено својата чаршија (плоштад) додека вторникот бил пазарен ден. Во 1874 год. градот имал 400 куќи, околу 2.000 жители, додека на крајот на истиот век 3.500 жители.

Главниот процут Гостивар го доживува кон крајот на 19 век за времето на Турското владеење кога станува центар на каза. Тогаш Гостивар почнува да го добива својот лик на гратче. Со доселувањето на различни мајстори и занаетчии од Велес, Крушево, Кичево и Дебар се формира гостиварската чаршија и вторник се назначува за пазарен ден, што е традиција до ден денеска. За време на Илинденското востание од Гостивар и околината ќе учествуваат повеќемина македонски патриоти кои ќе отидат да се борат директно во Крушево и околината.

Втора светска војна[уреди | уреди извор]

Статуа на народниот херој на Југославија и Македонија, Чеде Филиповски - Даме на градскиот плоштад

За време на Втората светска војна, македонското население во Гостивар ќе доживее невиден терор од страна на албанските фашистички окупатори - балистите предводени од Џемо и Мефаил. Токму на крајот на војната во близина на Гостивар ќе биде убиен балистичкиот водач Џемо по што ќе следи општонародно славје на Македонците во Гостивар. Во текот на Втората светска војна во Гостивар и околината војувале повеќе македонски партизански одреди и единици, кои воделе тешки борби со балистичките единици кои отпрвин биле поддржувани од италијанскиот, а подоцна и од германскиот окупатор. Народен херој од Гостиварско е Чеде Филипоски-Даме чиј споменик се наоѓа на гостиварскиот плоштад (спроти стоковната куќа). Вкупно 41 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[3]

Меѓуетнички односи и конфликти[уреди | уреди извор]

Гостивар во поновата македонска историја ќе остане запаметен и по настаните на 9 јули 1997 година кога македонската полиција спроведе акција за отстранување на знамето на туѓа држава (Албанија) кое беше истакнато пред општинската зграда. Во настаните ќе загинат 4 цивили. За време на воениот конфликт во 2001 година Гостивар и околината ќе бидат поштедени од вооружени борби и судири, но голем број на Македонци од Гостивар ќе бидат дел од македонските безбедносни сили во операциите во Тетово и на Тетовското кале. Во поново време меѓуетничките односи се бранувани по убиството на Бесник Шехапи и Имран Мехмеди кое на 28 февруари 2012 во самоодбрана го изврши полицаецот Јаким Трифуноски и честите иницијативи на албанските политичари за именување улица и поставување споменик на балистичкиот водач од Втората светска војна - Мефаил.

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
19447.698—    
19487.832+1.7%
19539.509+21.4%
196112.787+34.5%
197119.467+52.2%
ГодинаНас.±%
198127.726+42.4%
199120.078−27.6%
199432.926+64.0%
200235.847+8.9%
202132.814−8.5%

Во текот на 50-ите години на XIX век, францускиот геолог и балканолог Ами Буе, пишувајќи за Тетово, покрај другото соопштува дека во еден дел од Полошката Котлина се наоѓало „големото село“ Гостивар. Инаку, како гратче, Гостивар првпат се спомеува во два записа од XIX век. Според нив, оваа полошка населба веќе имала оформена чаршија, а вторник бил пазарен ден. Во втората половина на XIX век, поточно во 1874 година, градот имал околу 400 куќи со околу 2.000 жители, а на крајот на истиот век околу 3.500 жители. Рускиот професор и научник Андреј М. Селишчев „гратчето под Шар“ го споменува и со името Костово.

Според статистичките податоци со кои располагал бугарскиот етнолог, географ и патописец Васил К’нчов, на крајот на XIX век Гостивар имал 3.735 жители од кои 3.100 Турци, 310 Македонци, 200 Роми, 100 Албанци и 25 Власи. По балканските и Првата светска војна, не е забележан зголемен број на населението, главно поради иселувањето на муслиманското население во Турција. Во периодот меѓу двете светски војни градот бележи стопанска стагнација, а и целиот Горен Полог бил неразвиено подрачје, без индустриски објекти и инфраструктура. Исклучок била железничката пруга кон Скопје, а подоцна и кон Кичево, која подоцна одиграла важна улога во економското заживување.

Во првиот организиран попис на СФР Југославија од 1948 година, во Гостиварскиот срез имало 53.258 жители, од кои 7.832 во градот Гостивар, а 45.426 во селата (Горни Полог, Мавровско Поле, Горна Река). Од етнички аспект, населението го сочинувале 39 345 (73,8 %) Албанци, 13.091 (24,5 %) Македонци, 342 Роми, 180 Срби, 117 Турци и 183 останати.[4]

Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во градот Гостивар, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, во градот нема целосни податоци.[заб 1]

Според пописот од 2002 година, градот Гостивар има 35.847 жители[5], додека новосоздадената Општина Гостивар со новата организација броела 80.280 жители (старата Општина Гостивар до 2004 година броела 49.545 жители).

Етнички групи

Според пописот на населението од 2002 година, во градот имало 35.847 жители и спаѓал во групата на средни градови.[6] Етнички гледано, населението е составено од:[5]

Етнички групи[5]
Албанци
  
47,12 %
Македонци
  
33,15 %
Турци
  
12,72 %
Роми
  
5,30 %
други
  
1,17 %
Срби
  
0,41 %
Бошњаци
  
0,09 %
Власи
  
0,04 %
Народ Вкупно Удел (%)
Македонци 11.885 33,15
Албанци 16.890 47,12
Турци 4.559 12,72
Роми 1.899 5,30
Власи 15 0,04
Срби 146 0,41
Бошњаци 34 0,09
други 419 1,17
Јазик

Во градот се зборуваат следниве јазици[5]:

Јазици[5]
албански
  
47,08 %
македонски
  
38,62 %
турски
  
12,34 %
ромски
  
0,84 %
други
  
0,69 %
српски
  
0,35 %
бошњачки
  
0,08 %
влашки
  
0,01 %
Јазик Вкупно Удел (%)
македонски 13.843 38,62
албански 16.877 47,08
турски 4.423 12,34
ромски 301 0,84
влашки 3 0,01
српски 124 0,35
бошњачки 29 0,08
други 247 0,69
Вероисповед

Во Гостивар се застапени следните религиски групи[5]:

Религија[5]
ислам
  
66,08 %
православие
  
33,10 %
други
  
0,70 %
католицизам
  
0,13 %
Вероисповед Вкупно Удел (%)
православни 11.865 33,10
муслимани 23.686 66,08
католици 45 0,13
други 251 0,70

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во градот Гостивар:

Години Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци Ост. б.п.[7] Вкупно
1948 7.832
1953 2.637 4.313 1.924 353 11 133 138 9.509
1961 5.092 2.904 4.349 249 193 12.787
1971 8.109 6.044 4.449 219 254 392 19.467
1981 10.127 10.791 4.378 1.254 6 223 947 27.726
1991 11.946 1.344[заб 2] 4.023 1.842 10 208 705 20.078
1994 12.084 14.128 4.475 1.609 11 231 388 32.926
2002 11.885 16.890 4.559 1.899 15 146 34 419 35.847
2021 10.305 13.585 4.725 1.648 14 65 21 455 1.996 32.814

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Знаменити објекти[уреди | уреди извор]

Железничката станица во Гостивар
Стар крст пронајден во дворот на гостиварската црква Св. Димитрија
Панорама на Гостивар
Црквата „Св. Петка“ во Гостивар

Во градот постојат повеќе знаменити објекти (пред сѐ од турскиот период на владеење) како неколку џамии и препознатливата гостиварска саат-кула во центарот. Исто така на самиот плоштад доминира со својата импозантна големина црквата Света Богородица. Во градот постоела турска бања-амам која била срушена, а на потоа на тоа место се наоѓала филијалата на Стопанска банка сѐ до нејзиното рушење.

Култура[уреди | уреди извор]

Најзначајното место за културните збиднувања во Гостивар е Домот на културата АСНОМ.

Во овој културен дом во текот на годината се одржуваат најзначајните културно уметнички настани. Се прави годишна програма која се доставува до Министерството за култура. Позначајни настани се Ликовната колонија, која се одржува во Маврово, но главната изложба е во Гостивар. Шоу програма, рецитали, песни и игри кои се изведуваат на три јазици односно на македонски, албански и турски.

Фунционира и културно уметничкото друштво „Браќа Ѓиноски“, во кое има неколку секции и тоа: секцијата за староградски песни, секцијата за фолклор (играорна секција), како и секцијата за модерни танци.

Библиотеката „Вук Караџиќ“ е сместена веднаш позади домот на културата. Располага со над 8.000 наслови, односно над 80.000 книги. Во рамките на библиотеката има и детски оддел.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Во врска со добрите стопански и сообраќајни прилики, па и со постојаното зголемување на населението, од втората половина на XX век во градот Гостивар започнуваат да се отвораат занаетчиски и трговски дуќани. Воведен е и пазарен ден (Вторник). Со овие новонастанати прилики во тоа време започнува просперитетот на Гостивар. Велешките и Тетовските трговци, Крушевските и Кичевските занаетчии се меѓу првите во создавањето на Гостиварската чаршија. Во тоа време во Гостивар голема експанзија бележеле разни занаети, кои пред сè служеле повеќе за задоволување на селските потреби. Порано во Гостивар имало многу терзии, опинчари, самарџии, сарачи, казанџии итн. Во денешно време, овие занаети се пред прагот на потполно исчезнување, или се сведени на бледи спомени меѓу населението.

Денес во Гостивар се развиени трговијата, индустријата и стопанството. Познати индустриски капацитети се комбинатот „Силика“, Стакларницата, текстилната индустрија Готекс, кланицата „Горни Полог“, мелничарскиот комбинат Жито Шар, фабриката за доломит „Вардар Доломит“ која е приватизирана пред неколку години и успешно ги пласира своите производи и на странските пазари. Последните години во огромен пораст е трговската дејност. Низ градот има повеќе маркети на гигантот „ГЕТРО“ кој има продавници и маркети и во Хрватска, а во самиот центар на градот до саат-кулата е изграден современ модерен трговски центар „Де Јуре“ на повеќе катови со структурална фасада.

Спорт[уреди | уреди извор]

  • КК Гостивар е најпознатото спортско друштво од Гостивар. Постои од 1954 година под името „Маврово“. Од тогаш, клубот во повеќе наврати го менува името: Готекс, Вардар-Комерц, Гостивар и Никол Ферт. Бележи значајни спортски резултати како во поранешна Југославија така и во поново време. Трипати е освојувач на титулата Републички првак и тоа во 1965, 1967 и 1968 година. Со успех настапува и во втората лига на некогашна Југославија. Во повеќе наврати екипата се обидува да стане член и на првата лига, меѓутоа недостасувал последниот решавачки чекор за постигнување на целта. Најзабележителни резултати екипата бележи во далечната 1964-1965 година кога успеала да обезбеди учество во четврт финалето каде загубила од „Београд“, тогашен освојувач на шампионската титула.

Гостивар бил домаќин на купот во 1993-94 година.

  • РК Пантери е стар ракометен клуб од Гостивар. Имал настапи и во првата лига, по што извесно време згаснува. После неколку години повторно се активира и сѐ уште функционира.
  • ПК „Бистра“ е планинарско друштво од Гостивар кое постои од 1985 година и функционира најмногу поради ентузијазмот што го имаат членовите. Имаат остварено многу искачувања низ Македонија.

Образование[уреди | уреди извор]

Во Гостивар постојат три државни средни училишта и едно приватно и тоа:

Од основните училишта во градот функционираат четири и тоа:

Населби и маала во Гостивар[уреди | уреди извор]

Населбата Мелеарди на влезот на Гостивар
Населбата Дутлок на левата страна на реката Вардар

Меѓуетнички односи[уреди | уреди извор]

Според старата поделба, општина Гостивар имаше 26,54% Македонци и 59,01% Албанци, но со новата поделба, со припојување на селските општини Вруток, Долна Бањица, Србиново и Чегране бројот на Македонците е намален на 19,77%, а Албанците се 66,37%. Голем дел од македонската заедница во градот смета дека на овој начин се фаворизира албанската политичка доминација во Гостивар.

Поврзано со ова е и трендот на рехабилитација на некои албански личности од Втората светска војна кои припаѓале на организацијата Бали Комбетар. Според Албанците, се работи за херои, но Македонците сметаат дека со ова всушност се врши легитимизација на фашистичката окупација на Македонија. Имено, истите личности, според Македонците и нивните сеќавања и според македонската и светската историографија, имаат извршено голем број убиства, кражби, протерувања и злодела врз неалбанското население.

Сепак, во градот не е забележана позначајна миграција на Македонци во другите краишта на земјата.

Личности[уреди | уреди извор]

Разгледница од Гостивар, Домот на култура, 1930-те години
Воздушен поглед
Родени
Поврзани

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Дарко Гавровски, "Тетовски древности. Полог од Праисторијата до 7.век н.е., со посебен осврт на тетовскиот крај", Тетово, 2009.
  2. Македонските градови во турско време, Зоран Сенев, Киро Герасимов, Кочани, 2004, стр. 22-23
  3. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  4. http://pop-stat.mashke.org/yugoslavia-ethnic1948.htm
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 29 март 2016.
  6. Стојмилов, Александар; Апостоловска - Тошевска, Билјана (2016). Социоекономска географија на Република Македонија (PDF) (II доп.. изд.). Скопје: Природно-математички факултет. стр. 91. ISBN 9989-668-50-7.
  7. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  8. Најдобриот матурант ќе биде првиот Македонец на Харвард. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2009-01-27.
Забелешки
  1. Во Пописот од 1991 година, во населените места: Страчинци, Љуботен, Арачиново, Грушино, Мојанци, Орланци, Боговиње, Жеровјане, Пирок, Милетино, Радиовце, Теново, Челопек, Горно Јаболчиште, Велешта, Горно Татеши, Долно Татеши, Врапчиште, Топлица, Вруток, Долно Јеловце, Здуње, Речане, Балин Дол, Беловиште, Гостивар, Дебреше, Мало Турчане, Чајле, Баниште, Дебар, Кривци, Селокуќи, Хаме, Делогожди, Корошишта, Ливада, Мислодежда, Ново Село (Делогожди), Горна Бањица, Долна Бањица, Симница, Долна Лешница, Желино, Озормиште, Требош, Бачишта, Букојчани, Горно Строгомиште, Зајас, Колари, Лешница, Палиград, Смесница, Копанце, Шемшево, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Камењане, Кичево, Долно Свиларе, Кондово, Радуша, Рудник Радуша, Бедиње, Горно Коњаре, Д`лга, Куманово, Лопате, Романовце, Сопот, Табановце, Черкези, Белановце, Матејче, Никуштак, Опае, Ропалце, Жужње, Нистрово, Сенце, Тануше, Добри Дол, Калиште, Неготино-Полошко, Сенокос, Бериково, Гарани, Јагол, Ново Село (Осломеј), Поповјани, Премка, Србица, Стрелци, Туин, Шутово, Охрид, Ќојлија, Арнакија, Буковиќ, Грчец, Крушопек, Ласкарци, Љубин, Семениште, Барово, Јаболци, Биџево, Долна Белица, Заграчани, Калишта, Радолишта, Струга, Батинци, Вртекица, Морани, Студеничани, Глоѓи, Доброште, Непроштено, Пршовце, Слатино, Теарце, Голема Речица, Лавце, Мала Речица, Сараќино, Тетово, Баланци, Форино, Чегране, Џепиште, Гајре, Лисец, Скопје дел - Гази Баба, Скопје дел Карпош, Скопје дел - Центар и Скопје дел - Чаир, дел од жителите не прифатија да земат учество (го бојкотираа) во Пописот.
  2. Во Пописот од 1991 година, во населените места: Страчинци, Љуботен, Арачиново, Грушино, Мојанци, Орланци, Боговиње, Жеровјане, Пирок, Милетино, Радиовце, Теново, Челопек, Горно Јаболчиште, Велешта, Горно Татеши, Долно Татеши, Врапчиште, Топлица, Вруток, Долно Јеловце, Здуње, Речане, Балин Дол, Беловиште, Гостивар, Дебреше, Мало Турчане, Чајле, Баниште, Дебар, Кривци, Селокуќи, Хаме, Делогожди, Корошишта, Ливада, Мислодежда, Ново Село (Делогожди), Горна Бањица, Долна Бањица, Симница, Долна Лешница, Желино, Озормиште, Требош, Бачишта, Букојчани, Горно Строгомиште, Зајас, Колари, Лешница, Палиград, Смесница, Копанце, Шемшево, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Камењане, Кичево, Долно Свиларе, Кондово, Радуша, Рудник Радуша, Бедиње, Горно Коњаре, Д`лга, Куманово, Лопате, Романовце, Сопот, Табановце, Черкези, Белановце, Матејче, Никуштак, Опае, Ропалце, Жужње, Нистрово, Сенце, Тануше, Добри Дол, Калиште, Неготино-Полошко, Сенокос, Бериково, Гарани, Јагол, Ново Село (Осломеј), Поповјани, Премка, Србица, Стрелци, Туин, Шутово, Охрид, Ќојлија, Арнакија, Буковиќ, Грчец, Крушопек, Ласкарци, Љубин, Семениште, Барово, Јаболци, Биџево, Долна Белица, Заграчани, Калишта, Радолишта, Струга, Батинци, Вртекица, Морани, Студеничани, Глоѓи, Доброште, Непроштено, Пршовце, Слатино, Теарце, Голема Речица, Лавце, Мала Речица, Сараќино, Тетово, Баланци, Форино, Чегране, Џепиште, Гајре, Лисец, Скопје дел - Гази Баба, Скопје дел Карпош, Скопје дел - Центар и Скопје дел - Чаир, дел од жителите не прифатија да земат учество (го бојкотираа) во Пописот.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Одредници од Гостивар
Врапчиште Тумчевиште
 
Чегране
Здуње
С
З И
Ј
Чајле
Вруток Долна Бањица
 
Беловиште